насловна за СКА контакт english
Правилници Пријави Натпревари Локалитети Упатства Галерија
ЗА СКА
Историјат
Листа на инструктори
Листа на клубови при СКА
Листа на судии
Листа на поставувачи на насоки на природна карпа
Листа на лиценцирани натпреварувачи

 

 
ЗА СПОРТСКО КАЧУВАЧКА АСОЦИЈАЦИЈА
 
Иторијат на Спортското качување

Спортското качување односно слободното качување како што го нарекуваа, првите почетоци ги има во 80сетите години каде група алпинисти сакале да го подигнат нивото на тежинската скала во качувањето на карпа. Тоа се Патрик Едланжер, Патрик Бероу од Франција, Волфганг Гулих од Германија и Рон Коук од САД итн. Зошто слободно качување? До тој период искачувањето на насоките било на секаков можен начин, поточно за да напредуваш во карпата покрај клиновите што ги коваш за твојата безбедност истовремено преку гуртната ги користиш и за качување односно напредување. Со појавата на оваа група качувачи доаѓа до искачување на досегашните насоки во слободен стил односно повторно со клинови и јаже, но при напредувањето не ги користиш клиновите туку само карпата и нејзините фаќалишта. По кратко време се појавуваат и првите насоки со повисока тежинска оцена, на глатки карпи каде се монтираат експанзионите клинови. При искачувањето на овие насоки доаѓа до подигање на тежинската оцена впрочем насоките се со тежина VII по УИАА скалата. Веќе во 1983 година Патрик Едланжер ја отвара и ја искачува првата насока со тежина 7 а по француската скала ( VIII по УИАА ) , со што започнува и ерата на екстремното спортско качување, велам спортско качување бидејќи терминот слободно се исфрлува од причина што и алпинистите во своето качување го отфрлаат влечењето на гуртни при напредување во качувањето.

Бројот на спортските качувачи се зголемува и тие доаѓаат на идеја нивното качување да го одмерат на натпревар. Така што првиот пробен не официјален натпревар се одржува во тогашна Југославија, поточно во Сплит, во организација на Патрик Едланжер-Франција, Ивица Пиљиќ и Метод Шкарја-Југославија, Бен Мун-Англија. Натпреварот се одржува на карпата Марјан во периферијата на Сплит, а насоката која треба да се качува е “на поглед“ ( on sight) со тежина VII+ , а носи име Чарли Чаплин. По овој натпревар доаѓа до голема експанзија на спортски качувачи, така што УИАА(Обединета Меѓународна Асоцијација на планинари, алпинисти и спортски качувачи) одлучува да го одржи и првиот официјален натпревар на светско ниво. Натпреварот се одржува во Бардонекија, Италија. На него учествувале околу 120 натпреварувачи, а нормално доминирале доајените на спортското качување.

По Бардонекија следи и првиот Мастер Куп (куп на најдобрите) кој се одржил во 1989 година во Арко, Италија, а и сеуште опстојува и е еден од најголемите хепенинзи во овој спорт. Насоката на овој мастер куп била со тежина 7 b+ ( IX UIAA) Веќе од 1989 година започнува и спортско качувачката светска лига. Таа е организирана од страна на УИАА-комисијата за спортско качување, за да во 1993 година премине во ICC-International Council of Competitive Climbing (Меѓународен совет за спортско качување) тело со највисок ранг во UIAA. Со започнување на лигата натпреварите добиваат друга димензија. Тие се одржуваат на вештачка карпа, со што започнува ерата на вештачката карпа. Во прво време натпреварите се одржуваат на отворено, а потоа исклучиво во затворен покриен простор односно спортска сала. Првиот таков натпревар на вештачка карпа е во Франкфурт-Германија, а последниот на природна карпа е во Велико Трново-Бугарија, истотака последниот натпревар на вештачка карпа на отворено е во Албена-Бугарија.

Од тогаш па наваму натпреварите добиваат подруга димензија. Натпреварувачите не се веќе големи ентузијасти, туку професионалци, кои се присутни на сите спортски манифестации, големи парични фондови кружат околу организацијата на овие купови, првенства, семинари и курсеви во спортското качување.

Сето ова би требало да кулминира оној момент кога спортското качување ќе стане и олимписки спорт, со што влегува во алејата на редовни и масовни олимписки спортови.


Спортското качување во Македонија

Спортското качување во Македонија своите скромни почетоци ги има со учеството на двајца натпреварувачи на првиот неофицијален натпревар во Сплит во 1985 година. Тоа се Трајче од Штип и Мите од Пеони, кои како преставници од Република Македонија во рамките на Југославија учествуваат на овој натпревар и се пласираат на релативно добри место. Трајче го освои второто место.

По подолг период поточно 1992 година, година која се смета за почеток на спортското качување во Македонија. Имено, истата таа ' 92 година во месец октомври на дотогаш техничката насока до планинарскиот дом Матка се одржува првиот натпревар во Република Македонија. На натпреварот учествуваа 11 натпреварувачи каде првото место го освојува Лазарев Лазо, второто место Трповски Владимир, а третото место Огњановски Мишко. Еден месец подоцна поточно во ноември '92 година е отворена и првата спортско качувачка насока Џамбо Џет со тежина VII+(-VIII) и тоа од Трповски Владимир и Лазарев Лазо. По овој натпревар следеше неискусна, но храбра организација на натпревар од отворен карактер, кој се одржа на Матка во месец Јуни 1993 година. Организацијата е на Трповски Владимир во соработка со Жежовски Иван, Тошанов Душан, Ивчевски Иво, Љубиќ Ивица. На натпреварот учество земаа натпреварувачи од Македонија, Југославија и еден натпреварувач од Хрватска. Првото место го освои Глушчевиќ Славо од ЈУ, второто место Лазарев Лазо од МКД и третото место Радовиќ Марко од ЈУ. Сите насоки кои беа дотогаш отворени се оклинчени со клинови подарок од СД“Пеони“, а клиновите беа изработени по нивна иновација во Скопската железарница.

Напоредно со организирањето на овие натпревари доаѓа до формирање и на првиот спортско качувачки клуб АСКК“Екстрем“ од Скопје. Каде по завршувањето на натпреварите со стекнато поголемо искуство, на иницијатива на членовите од АСКК“Екстрем“, ПД“Кајмакчалан“ и АД“Матка“ се формира и комисијата за спортско качување. За нејзин прв претседател е назначен Трповски Владимир. Комисијата имаше огромна задача, а тоа е да го доближи спортското качување до граѓаните на Република Македонија.

За првпат во 1993 година Македонските спортски качувачи, членови на АСКК“Екстрем“ заминуваат да качуваат во Арко, Италија каде постојат преку 1000 спортско качувачки насоки.

Може да се каже дека во периодот од 1993 до 1995 година се години каде се откриваат многу нови работи кои се од огромно значение за Македонските спортски качувачи, период каде се отвораат уште 5 нови спортско качувачки насоки. Како насоките “А1“ 6а/6б, “А1 Дино“ 6а, “Чарли Чаплин“ 6с, “Циго Постмодерна“ 6с+, “Централа Екстрем“ 7а.

Во 1994 година во месец декември е изградена и првата вештачка карпа. Карпата е плод на Митров Петар и Трповски Владимир. Вештачката карпа е набавена од Бугарија, а тогаш се монтира во спортската сала Кале.

Од тогаш па наваму следува нова ера за Македонското спортско качување. Се подига нивото на спортот, редовни тренинзи, натпревари, семинари, курсеви и најважното, качување и одржување на кондициското ниво во зимскиот период.

По речиси 10 години од осамостојувањето на Македонија, доаѓа до зачленување на СПСМ во УИАА. Како рамноправна членка Сојузот односно Спортско качувачката асоцијација стекна право да учествува на натпревари од европски и светски карактер. Така првата Македонска репрезенатација која учествуваше на Светски Куп во спортско качување во Крањ, Словенија е Трповски Владимир, Пејковски Зоран, Антовиќ Светозар и Трајковски Мартин и тоа во ноември месец 1999 година, за да веќе во декември истата година македонска репрезентација учествува на светското првенство во Бирмингам, В. Британија. Екипата која учествуваше во В.Британија е Трповски Владимир, Петровски Дејан и Трајковски Мартин.

Со ваквите учества нашите членови се здобија со огромно искуство, кое беше неопходно за понатамошниот развиток на спортот во Македонија. Ова резултираше со попрофесионален приод кон спортот и кон тренинзите.

Напоредно со ова дојде до оформување на Балканската лига во спортско качување. Во неа се организираат натпревари во спортско качување, тежински, брзински и болдер дисциплини. Првиот Балкански Куп се одржа во Белград во 1997 година, за да стане традиција се до 2001 година каде се одржа петтото Балканско Првенство во Скопје.

Исто така треба да напоменеме дека по повеќе години тренинзи и макотрпна работа Македонските спортски качувачи се приближија до врвните Балкански качувачи односно започнаа со освојување на некои од првите места. Мораме да истакнеме дека првиот поголем успех го постигна Антовиќ Светозар кој го освои второто место на Балканскиот Куп во болдер во Белград, Август месец 2001 година и Петровски Дејан второ место во брзинско на Балканското Првенство во Скопје.

На сцена во 2000 та година влегуваат и Македонските спортски качувачи во Јуниорска конкуренција. Тие на Балканското Првенство во Варна 2001 година го освојуваат второто и третото место во Јуниори мажи и тоа Кузмановски Горан и Ристовски Илија, второ место во категорија 13 и 14 години Данило Апостолски и четвртото место за Апостолска Ива која можеме да кажеме дека е првата Македонка натпреварувачка во спортско качување.

Паралено со изгр a дбата на вештачките карпи доаѓа до отворање на нови спортско качувачки насоки ширум македонските качувачките локалитети и тоа со тежини до 8а /8a+ ( X-) .

Првата насока со тежина VII е качена од Лазарев Лазо, потоа првата насока со тежина VIII е качена од Трповски Владимир и двете насоки се наоѓаат на локалитетот Матка, за да веќе во 1999 година Пејковски Зоран ја качи и првата насока со оцена 7с(- IX) во Варасова, Грција. По ова качување се појавува голем интерес за стигнување и престигнување на оваа тежина. Веќе во Мај месец 2001 година на Матка е отворена и првата насока со оцена 8а+. Ристовски Илија и Тасевски Васил ја качуваат првата насока со тежина 7с+ во Арко, Масоне, Италија.

Кратко кажано, спортскотото качување се развива со голема експанзија, како во светот така и кај нас.

Со зачленувањето на СПСМ во UIAA, спортските качувачи стекнаа право да се натпреваруваат на натпреварите организирани од UIAA-ICC (Интернационален совет за спортско качување при УИАА). Тие натпревари се организирани во светски купови, светски првенства и мастер купови. Светските купови се организирани во една светска лига, каде што секој натпревар носи одредени бодови. На крајот од годината се прогласува целокупен победник. Светските првенства се одржуваат на секои две години и се невидена спортска атракција. Мастер Куповите се организираат на иницијатива на одредени организатори и на нив учествуваат повикани спортски качувачи за кои се смета дека во моментот се најдобри, впрочем на Мастер куповите се искачуваат до тогаш невидени тежини на насоките.

Напоредно со активностите на светско ниво, се одржуваат и балканските натпревари. Традицијата на Балканските натпревари датира од 1997 година каде во Метеора, Грција се одржа основачкиот митинг на Балканските земји за зближување на ниво на алпинизам, ски алпинизам и спортско качување. Всушност стартуваат Балканските првенстава во спортско качување-тежински и брзински натпревари. Првото балканско првенство е одржано во Белград, потоа продолжуваат во Букурешт, Ниш, Велико Трново, Скопје итн. Од 2000 година на натпреварот во Велико Трново на Македонска иницијатива е оформена и Обединетата Балканска Спортско Качувачка Асоцијација. Во почетокот оваа Асоцијација ќе работи волонтерски односно на една година ќе се менува мандатот на координаторот кој има задача да ги координира натпреварите. Додека пак натпреварите се организирани на ниво на Балкански Купови во тежинско, брзинско и болдер дисциплини. Поточно балканската лига функционира како и UIAA-ICC лигата.

Во овој период мораме да истакнеме дека на сцена се Македонски качувачи кои допринесуваат за многу брз и квалитетен развој на овој спорт во Македонија. Со нивната пожртвуваност допринесуваат да бидат присутни на секој тренинг, на што повеќе натпревари, дали се работи за домашни или странски, да организираат натпревари, да организираат курсеви и семинари, да посетуваат качувачки локалитети како на балканот така и во светот, всушност тие се првите кои ги поставија темелите на спортско качување во Македонија. Поради тоа голема благодарност на Трповски Владимир, Пејковски Зоран, Петровски Дејан, Трајковски Мартин, Чорбески Александар, Антовиќ Светозар, Мимова Лидија и Ристовски Илија и Тасевски Васил и многу други кои немилосрдно го трошат своето драгоцено време за развојот на овој спорт односно спортското качување во Македонија.

 
Линкови/LINKS

ПРОЧИТАЈ ПОВЕЌЕ

 
Copyright © 2005, All rights reserved